18 December, 2015

ПОСНА САЛАТА СО ТУНА



Потребно:

-500 гр. ситни макарони без јајца ( како тарана )
-5 компири средна големина
-3 конзерви туна во парчиња (од 185 гр.)
-250 гр. посен мајонез
-масло за јадење
-сол , црн бибер

Подготовка:

Макароните се варат , се цедат и се мијат со ладна вода . Компирите се варат  и се лупат . Додека сеуште се топли се миксираат со миксер и постепено му се додава масло за јадење се додека не се направи фина смеса со густина како мајонез .Туните се цедат од маслото и се додаваат на смесата.  Се додаваат изладените макарони , мајонезот, биберот и сол по вкус. Убаво се промешува.

КОЛАЧ МЕДЕНО СРЦЕ - ПОСЕН



Потребно:

-400 гр. брашно
-400 гр. шеќер
-400 мл. вода
-1 1/2 лажичка сода бикарбона
-2 лажици мед
-2 лажици какао
-зачин за меденјаци (каранфилче , морско оревче, цимет)
-мармалад од вишни

За глазура:

-200 гр. чоколадо за готвење
-60 гр. маргарин

Подготовка:

Водата и шеќерот се ставаат во сад и се промешуваат. Кога ќе се стопи шеќерот се додава брашното и полека се се меша со миксер убаво да се изедначи. Постепено се додаваат и останатите состојки. Плехот од шпоретот се намастува , се истура смесата , убаво се рапоредува и се печи на Т од 200 степени  околу 20 мин. додека поцрвени. Окако ќе олади се премачкува со мармалад од вишни или друг вкус по желба. Чоколадото се топи на пареа со маргаринот и се прелива преку целиот колач.

12 December, 2015

KINDER BUENO КОЦКИ


Бисквит:

-6 белки
-4 лажици брашно
-6 лажици шеќер
-100 гр.лешници
-200 гр. нутела
-плазма кекси

Белките се миксаат со шеќерот во цврст снег , му се додава брашното и се меша со дрвена лажица. Тава бр. 40 се обложува со хартија за печење , се распоредуваат дробените лешници , а врз нив се распоредуваат белките. Се печи на Т од 180 степени околу 20 мин. Кога бисквитот ќе олади се премачкува со нутела и се редат плазма кексите.

Крем:

-1 л. млеко
-6 жолчки
-10 лажици шеќер
-3 кесички ванилин шеќер
-8 лажици густин
-1 кесичка пудинг од ванила
-200 гр. маргарин
-200 гр. чоколадо за готвење
-200 мл. слатка павлака

Млекото ( околу 800 мл. ) се става на оган . Останатото се микса со жолчките , ванилите , шеќерот , нишестето и пудингот и се вари  со млекото кое предходно го ставивме на оган.
Кога ќе излади му се додава маргаринот ,  убаво се микса , се дели на два дела и во едниот дел се додава стопеното чоколадо.
Бисквитот најпрво се премачкува со жолтиот крем, па со чоколадниот . Целиот бисквит се премачкува со слатка павлака и се украсува по желба.

05 December, 2015

ПОСНИ ТРИАГОЛНИЦИ



Потребно:

-500 гр. танки кори за пита
-500 гр. сецкани шампињони
-150 гр. ориз
- 2  главици  кромид
- 4 лажици соини трошки
-1/2 кесичка прашак за пециво
-1/2 лажица мешан зачин
-100 мл.кисела вода
- масло за јадење 
- сол , црн бибер

Подготовка:

Кромидот и печурките се пржат во масло , оризот се вари , а соините трошки се полеваат со врела вода и се оставаат да набабрат. Содржината во тавата ја посолуваме , ги додаваме зачините , биберот , пецивото, исцедените ориз и соја и добро промешуваме. Кората ја свиткуваме на половина , а потоа уште еднаш на половина за да добиеме долга лента. Премачкуваме со кисела вода и масло за јадење. Се нанесува од филот и се витка во форма на триаголник. Триаголниците се редат на плех обложен со хартија за печење , се попрскуваат со кисела вода и масло и се печат на Т од 200 степени додека поруменат.


18 September, 2015

ТОРТА НАД ТОРТИТЕ


За бисквит:

-2 x 10 белки
-2 x 15 лажици шеќер
-2 x 10 лажици сецкани ореви
-2 x 5 лажици брашно
-2 x 1/2 пакетче прашак за пециво

Се миксаат десет белки со петнаесет лажици шеќер во цврст снег. Потоа полека се додаваат пет лажици брашно помешано со половина пакетче прашак за пециво и полека се меша за да не спаднат белките. На крајот се додаваат сецканите ореви. Смесата се истура врз плех од шпоретот обложен со хартија и се печи околу 20 мин. на Т од 180 степени. Се печат два вакви бисквити и кога ќе оладат на двата му се одсекува по 1/3 .

За крем:

-1 л. млеко
-20 жолчки
-10 лажици шеќер
-10 лажици брашно
-250 гр. шеќер во прав
-екстрат од ванила
-250 гр. маргарин
-150 гр. мелени ореви
-малку млеко за да се попарат оревите
-300 гр. чоколадо за готвење
-3 кесички прашак за шлаг
-200 мл.млеко за шлагот

Десет жолчки се мешаат со десет лажици шеќер и десет лажици брашно и се вари крем со еден литар млеко. Се остава да олади. Се матат на пареа дест жолчки со 250 гр. шеќер во прав и една лажица екстрат од ванила. Кога ќе оладат се соединуваат со маргаринот , а потоа и со  кремот што предходно го сваривме и изладивме. Убаво се соединува. 1/3 од кремот се издвојува и му се додаваат 150 гр.мелени ореви попарени со малку млеко( да биди кашесто).
Во преостанатите 2/3 се додава 300 гр. стопено чоколадо.  Се матат три кесички шлаг со  200 мл.млеко додека не се добие цврст шлаг.

Врз соодветна подлога се спојуваат двете ленти од бисквитот што предходно ги одсековме и ги премачкуваме со црниот крем , па со шлаг, врз тоа се става повторно бисквит се премачкува со кремот од ореви, па со шлаг. На крај се става последниот бисквит се премачкува со црниот крем  и целата торта се премачкува со шлаг . Се украсува по желба.

31 May, 2015

ПАРФЕ КОЦКИ



Бисквит:

-6 белки
-200 гр. шеќер
-120 гр. брашно
-100 гр. растопен маргарин
-2 лажици какао
-1/2 кесичка прашак за пециво
-100 гр. сецкани ореви

Белките се миксаат со шеќерот додека се добие цврст снег. Брашното , какаото и прашакот за пециво се мешаат , се додаваат постепено во снегот од белки и на крајот се додава стопениот маргарин и сецканите ореви. Смесата се истура во намастена правоаголна тава бр.40 и се печи на Т од 180 степени околу 20-25 мин.


Крем од црно чоколадо:

-400 гр.слатка павлака
-300 гр. чоколадо за готвење

Слатката павлака и чоколадото се загреваат на оган со постојано мешање се додека не се стопи чоколадото и не се добие изедначена смеса (но не смее да зоврие). Се остава да олади и да одстои еден час во фрижидер. Потоа се микса се додека не се добие густ чоколаден крем .

Крем од бело чоколадо:

-600 гр. слатка павлака
-300 гр. бело чоколадо

Постапката е иста  како за  кремот со црно чоколадо .

Крем од боровинки:

-половина од кремот од бело чоколадо
-300 гр. боровинки
-100 гр. шеќер
-екстрат од ванила

Кремот од бело чоколадо се дели на пола. Боровинките се варат со шеќерот и ванилата додека се згуснат како  за слатко и откако ќе оладат му се додаваат на белиот крем.

Смеса од жолчки и желатин:

-6 жолчки
-250 гр. шеќер во прав
-2 кесички желатин
-200 мл. вода

Откако ќе се подготват трите креми  на крај започнува подготовката на смесата со желатин. Двете кесички со желатин се потопуваат во 200мл. вода и се остава да набубри. Се додава 250 гр. шеќер во прав и се топи на оган но не смее да зоврие. Настрана се бијат шесте жолчки и му се додаваат на изладениот желатин. Повторно се враќа на оган и се бие со миксер додека не се изедначи смесата. Додека е топло подеднакво се распоредува во трите креми и убаво се соединува со матење.

На оладениот бисквит најпрво се нанесува белиот крем , па кремот од боровинки и најгоре се премачкува со кремот од црно чоколадо.



04 May, 2015

ЧОКОЛАДНИ КОЛАЧИ - РАСПУКАНЦИ


Потребно:

-200 гр.чоколадо за готвење
-100 гр.путер или маргарин
-110 гр.шеќер
-3 јајца
-1 лажичка екстрат од ванила
-200 гр.меко брашно
-1 лажичка пециво
-30 гр. какао
-кристал шеќер
-шеќер во прав

Подготовка:

Чоколадото и путерот се топат на пареа. Се трга на страна , се додаваат останатите состојки , се меси тесто и се остава еден час во фрижидер да се стегни. Се прават топчиња со големина на орев и секое колаче се прпелка во кристал шеќер , па во шеќер во прав. Се редат во плех на хартија и се печат на 160 C  околу 13 мин.
Мора да се сеуште меки кога ќе се извадат од рерна. Ако се препечат ќе бидат суви.

13 March, 2015

МЕДЕЊАЦИ


Тесто:

-4 јајца
-400 гр. шеќер
-6 лажици мед
-200 гр. мелени ореви
-500 гр.брашно
-2 лажички сода бикарбона
-зачини за медењаци (цимет , морско оревче , каранфилче)

Јајцата се бијат со шеќерот ,  му се додава медот, оревите , брашното , содата , зачините и се замесува тесто.
Се прави кора со дебелина од половина сантиметар и се сечат кругчиња со ракиена чаша. Се редат во плех обложен со хартија на поголемо растојание и се печат на Т од 180 степени додека поруменат.

Фил:

-2 кесички прашак за пудинг од ванила
-500 мл.млеко
-200 гр. маргарин
-200 гр. шеќер во прав
-2 кесички ванилин шеќер

Се варат пудинзите од ванила со млекото без додавање на  шеќер. Настрана се мати маргаринот  со шеќерот во прав и ванилиниот шеќер. Смесата се соединува со изладениот пудинг и се филоваат медењаците. Филованите медењаци потребно е да одстојат најмалку еден ден  да омекнат.

23 January, 2015

ВИНЧИНИ ТОРТА


Потребно:

-едно паковање Винчини темни кори за торта









-800 гр.кисела павлака со 20% м.м
-200 гр.шеќер во прав
-500 гр. Добро утро маргарин
-300 гр.мелени Штарк пишкоти
piskote
-4 кесички шлаг пена
-екстрат од ванила

Подготовка:

Маргаринот , шеќерот и павлаката се миксаат додека се изедначи смесата. Се додаваат мелените пишкоти , неколку капки екстрат ванила и убаво се меша. Шлагот се подготвува според упатството на кесичката. Корите прво се премакуваат со филот од пишкоти ,  а потоа со шлаг пена.  Одозгора се украсува со рендано чоколадо. Најдобро е тортата да одстои  во фрижидер неколку часови.







07 January, 2015

РЕФОРМА ТОРТА


Бисквит:

-14 белки
-14 лажици шеќер
-2 лажички прашак за пециво
-4 лажици брашно
-200 гр. сецкани ореви
-200 гр. сецкани суви кајсии
-мармалад од кајсии за премачкување на корите

Се миксаат седум белки со седум лажици шеќер во цврст снег. Се додаваат две лажици брашно помешано со една  лажичка прашак за пециво, сто грама ореви и  сто грама сецкани суви кајсии. Смесата се истура во правоаголна тава бр.40 обложена со хартија за печење. Се печи 20 мин. на Т од 180 степени. Се печи уште еден ист бисквит. Оладените бисквитни теста се преполовуваат по должина  да се добијат четири ленти и се премачкуваат со тенок слој мармалад од кајсии.

Крем:

-14 жолчки
-250 гр. шеќер во прав
-екстрат од ванила
-100 гр.чоколадо за готвење
-250 гр. маргарин

Жолчките  се миксаат со шеќерот во прав на пареа и пред крајот се додава чоколадото за готвење. Се остава да олади и се соединува со маргаринот.

Се филова тортата и се украсува рендано чоколадо.