24 June, 2014

ЧОКО ПЛАЗМА ТОРТА





Состојки за кори:

-10 јајца
-10 лажици шеќер
-8 лажици ореви
-4 лажици брашно
-1 пакетче прашак за пециво
-500 мл. чоколадно млеко за корите

Се миксаат пет белки со пет лажици шеќер во цврст снег и постепено се додаваат пет жолчки една по една и убаво се миксаат. Се додаваат две лажици брашно помешано со половина пакетче прашак за пециво, четири лажици мелени ореви и полека се меша со дрвена лажица.
Се печи во правоаголна тава бр.40 обложена со хартија на Т од 200 степени. Се печи уште една ваква кора.

Фил:

-300 гр. шлаг во прав
-400 мл.млеко
-700 гр. кисела павлака
-250 гр. шеќер во прав
-300 гр. мелени плазма кекси

Шлагот се мати со ладното млеко додека се добие саканата густина. Киселата павлака, мелените плазма кекси и шеќерот во прав убаво се мешаат додека се добие мазен крем и се додаваат шест лажици од изматениот шлаг.
Првата кора се прелива со чоколадното млеко, се премачкува со половина од кремот со павлака,  а врз него се става половина од шлагот. Се поклопува со втората кора и се повторува целата постапка. Одозгора се украсува по желба.

















19 June, 2014

БУШАВОТО КАТЕ



Бисквит:

-5 жолчки
-5 лажици шеќер
-400 гр. брашно
-1 кесичка прашак за пециво
-250 гр. маргарин
-1 кесичка ванила

Фил:

-5 белки
-10 лажици шеќер
-150 гр. мелени ореви
-10 лажици џем од црни сливи
-100 гр. чоколадо за готвење
-1 лажичка цимет

Подготовка:

Жолчките се миксаат со шеќерот и ванилата додека се добие густа смеса. Се додаваат брашното помешано со прашакот за пециво и маргаринот исечен на ливчиња. Се замесува тесто и штом целосно се изедначи се остава да одмори во фрижидер половина  час. Потоа се дели на два дела. Едниот дел се распоредува во паравоаголна тава бр.40 премачкана со маргарин, а другиот дел се става во замрзнувач додека се подготвува филот.
Белките се миксаат со шеќерот додека се добие густ снег. Потоа полека се додаваат мелените ореви, џемот од сливи измешан со циметот и ренданото чоколадо. Се меша внимателно со дрвена лажица. Филот се нанесува врз тестото, а одозгора се ренда вториот дел од тестото што предходно го ставивме во замрзнувач и целосно се прекрива филот. Се печи во загреана рерна на 180 C додека порумени. Се остава да излади и пред служење се посипува со шеќер во прав.















06 June, 2014

ПИТА СО СПАНАЌ


Тесто:

-1 кг. брашно
-1 коцка квасец
-1 јајце
-1/2 л. млеко
-3 кафени шолички масло
-1 лажица сол
-1 мала лажичка шеќер

Квасецот се зафаќа со шеќерот, малку млеко, неколку лажици брашно и се остава да  надојди. Се замесува тесто и се дели на  четири дела. Секој дел се развлекува во танка правоаголна кора, се нанесува од филот и се витка во ролат. Се сечат парчиња со дебелина од 1,5 см. и се редат  скалесто во плех обложен со хартија за печење.


Се  мачкаат со жолчка и се посипуваат со сусам. Се остава малку да скисни и се печи на Т од 200 степени додека порумени. После печењето додека е врела во плехот се прелива со млеко
(една супена лажица на две ролатчиња).

Фил:

-2 јајца
-160 гр.маргарин
-1 кафена лажичка сол
-400 гр.рендано сирење
-1/2 кг.сецкан спанаќ

Се миксаат јајцата, маргаринот и солта  и се додава сецканиот спанаќ.














01 June, 2014

ГРЧКИ КОЦКИ


Бисквит:

-4 јајца
-100 гр.шеќер
-80 гр. кокос
-100 гр. мелени ореви
-150 мл. масло
-1 пакетче прашак за пециво
-150 гр. брашно

Пенесто се матат шеќерот и јајцата , се додаваат маслото, оревите , кокосот и убаво се изедначува смесата. На крајот се додава брашното измешано со прашакот за пециво.
Смесата се истура во правоаголна тава бр. 40 премачкана со масло и се печи во загреана рерна на  Т од 180 степени околу 20 минути. Додека е топло се прелива со сируп.

Сируп:

-200 гр. шеќер
-400 мл. вода
-1 кесичка ванила

Додека се печи бисквитот се подготвува сирупот . Печениот бисквит се боцка со вилушка и се прелива со топлиот сируп.

Крем:

-130 гр. шеќер
-800 мл. млеко
-2 кесички пудинг од ванила
-100 гр. маргарин
-3 кесички прашак за шлаг
 
Шеќерот се става во сад и се топи на тивок оган додека се добие светол карамел. Се прелива со 300 мл. млеко и се меша се додека се стопи и изедначи смесата. Кесичките со пудинг од ванила се раствораат во останатото млеко , се додаваат во смесата со карамел и се вари додека се добие густа смеса. Пред да се тргни од оган се додава 100 гр. маргарин и се меша додека се стопи.  Топлата смеса се прелива врз бисквитот и убаво се распоредува. Колачот се остава да олади.  Прашакот за шлаг се подготвува според упатсвото на кесичката и се нанесува врз ладниот колач. Одозгора се украсува со сецкани ореви.