29 April, 2014

ТРИЛЕЧЕ




Состојки:

-175 гр. брашно
-100 гр. омекнат маргарин
-130 гр. шеќер
-5 јајца
-1 лажичка прашак за пециво
-1 лажичка екстрат од ванила
-малку сол

Прелив:

-250 мл. кондензовано млеко
-250 мл.слатка млечна павлака
-250 мл.обично полномасно млеко
-500 гр. течна карамела или шлаг ( за одозгора)


Подготовка:

Маргаринот пенесто се мати, се додаваат шеќерот , јајцата и ванилата.  Се мати со миксерот на најголема брзина додека не постане глатка и пенеста смеса. Се додава просеаното брашно со прашакот за пециво и малку сол. Се меша и се турва во намастен  и посипан со брашно плех со димензии 30x22см. Се печи во предходно загреана рерна на 180 степени околу 15 мин. Се остава половина час да се олади.
Се меша кондезованото млеко, павлаката и обичното млеко , се прелива преку колачот и се остава преку ноќ во фрижидер да ја впие течноста. Се турва целата количина иако се чини дека е многу. Колачот треба да плива во млеко. Потоа се премачкува со карамела.

25 April, 2014

ДОМАШЕН КОЗИЊАК

Домашен козињак


Потребно:

-5 јајца
-250 гр. шеќер
-500 мл. млеко
-200 мл. масло
-кора  и сок од еден лимон
-1 кесичка мелен махлеб
-300 гр. суво грозје
-2 коцки пресен квасец
-100 мл. млеко ( за квасецот)
-брашно околу 1,5 кг.

Подготовка:

Квасецот се зафаќа со 100 мл. топло млеко, малку шеќер и неколку лажици брашно и се остава да надојди. Додека скиснува квасецот јајцата се миксаат пенесто со шеќерот па се додаваат млекото , маслото , махлебот, ренданата кора од лимон и неколку капки сок од лимон. Постепено се додава брашното и се мати со миксерот, а потоа се продолжува да се меси рачно. Тестото треба да биди многу меко така да не смее да се употреби повеќе од 1,5 кг. брашно.
Се остава на топло покриено со влажна крпа додека не го дуплира својот волумен. Потоа се премесува и се додава сувото грозје и се дели на четири дела. Сегој дел се дели на уште три  дела кои вретенесто се растегнуваат по должина и се плетат во плетенка. Се добиваат четири плетенки и се ставаат во правоаголни плехчинја и повторно се оставаат да киснат на топло. Бидејќи тестото е мнгу лепливо и тешко за работа ќе помогни доколку рацете ги премачкате со малку масло.
Плетенките се премачкуваат со јајце и се посипуваат со сусам. Се печат на Т 180 C околу еден час.  Пожелно е да се покријат со алуминиумска фолија и покриени да се печат.

22 April, 2014

ЕГИПЕТСКА ТОРТА

Египетска торта


Кори:

-7 белки
-7 лажици шеќер
-3 лажици брашно
-100 гр. мелени ореви
-1/2 пакетче прашак за пециво

Белките се миксаат со шеќерот во цврст снег. Се додаваат брашното промешано со прашакот за пециво и мелените ореви и полека се меша. Се печи во правоаголна тава бр. 40 обложена со хартија за печење на Т 180 степени околу 15 мин. На ист начин се печат две вакви кори и се сечат надолжно да се добијат четири ленти.

Фил I :

-14 жолчки
-20 лажици шеќер
-16 лажици брашно
-3 кесички ванилин шеќер
-1 л. млеко
-200 гр. маргарин

Жолчките пенесто се миксаат со шеќерот и ванилата и наизменично се додаваат брашното и 400 мл. млеко и убаво се соединува. Останатото млеко се става во сад на оган , се додава смесата од жолчки и се вари како крем.  Се трга настрана , се покрива со проѕирна фолија и се остава да олади. Ладен кремот се соединува со 200 гр. маргарин.

Фил II :

-150 гр. шлаг во прав
-450 мл. изладено млеко (по потреба )
-200 гр. мелени ореви
-грилијаж

Шлагот во прав се мати со млекото (подобро е да биди погуст) и се додаваат мелените ореви и грилијаж.

Грилијаж:

-200 гр. шеќер

Шеќерот се топи на оган и штом ќе добие светло-кафеава боја се истура во плех обложен со хартија и се остава да се стврдни. Потоа се толчи или мели во машина за мелење ореви.

Се филова кора -I фил- II фил и така сите кори. За премачкување на тортата можи да се остави од I фил или да се премачка со шлаг крем од ванила.


18 April, 2014

ДОМАШНА ШТРУДЛА СО ОРЕВИ

Домашна штрудла со ореви
                           

Тесто:

-1 квасец
-1 лажица брашно
-1 лажица шеќер
-1/2 шола млеко
-125 гр. путер
-600 гр. брашно
-4 полни лажици шеќер
-3 жолчки
-1 јајцe
-екстрат од ванила
-4 лажици јогурт
-рендана кора од портокал
-прстофат сол


Квасецот се зафаќа со една лажица шеќер, пола шола млеко ,една лажица брашно и се остава да надојди. Путерот се дроби и се додаваат  400 гр. брашно,шеќерот, солта,ванилата и кората од портокалот. Се прави вдлабнатина на средината и се додаваат останатите состојки. Се замесува тесто и постепено се додава останатото брашно. Се остава на топло еден час да го зголеми волуменот. Потоа тестото се дели на два дела и секој дел се развлекува во кора со должина на плехот .Секоја кора целосно се премачкува со фил , се витка во ролат и се боцкаат ролатите на неколку места од страната да не пукаат во печењето.
Се печат 40 мин ,прво 20 мин. на 175 C, а потоа 20 мин. na 150 C.

Фил:


-500 гр. мелени ореви
-200 гр. суво грозје
-250 гр. шеќер
-200 мл. млеко
-екстрат од ванила
-рендана кора од портокал 


Мелените ореви се попарваат со млекото и се додаваат останатитте состојки.

11 April, 2014

КРЕМ КОЦКИ

Крем коцки


Бисквит:

-6 јајца
-6 лажици шеќер
-6 лажици ореви
-2 лажици какао
-2 лажици брашно
-1 пакетче прашак за пециво
-250 мл. сок од портокал

Белките се миксаат со шеќерот во цврст снег и постепено се додаваат жолчките една по една. Брашното, какаото и прашакот за пециво се мешаат , се просејуваат и полека се додаваат  во смесата. На крајот се додаваат дробените ореви. Смесата се истура во плехче со димензии 25x35  и се печи на Т од 180 степени околу  20 мин. Откако ќе олади се потурва со 250 мл. сок од портокал.

Крем I :

-300 гр. мелени плазма кекси
-250 мл.сок од портокал
-100 гр. чоколадо за готвење
-125 гр.маргарин
-50 гр. шеќер во прав

Плазма кексите се преливаат со сок од портокал и се оставаат малку да ја впијат течноста. Маргаринот се микса со шеќерот во прав , се додаваат кексите, стопеното чоколадо и се микса додека се соедини смесата. Треба да се добие смеса што лесно ќе се мачка затоа слободно може да се дотури сок од портокал ако има потреба.

Крем II :

-250 гр. мелени ореви
-2 лажици шеќер
-100 мл. млеко
-125 гр. маргарин
-50 гр. шеќер во прав

Оревите најпрво се подпекуваа, се мелат и се попарваат со 100 мл. млеко засладено со две лажици шеќер. Кога ќе излади се соединува со маргаринот предходно изматен со шеќер во прав.

Крем III :

-750 мл. млеко
-3 кесички прашак за пудинг од ванила
-10 лажици шеќер
-200 гр. маргарин

Млекото се вари со шеќерот и прашакот за пудинг, се покрива со проѕирна фолија и кога ќе олади се соединува со маргаринот.


Крем IV :

-3 кесички шлаг пена
-млеко според упатството на кесичките


Кремите се премачкуваат над бисквитот по редоследот како се наведени.  Колачот се остава неколку часа во фрижидер да се излади и на крај се премачкува со шлаг пена.